Голден Стејт плати за една слаба четвртина, Бостон е без конкуренција на „Истокот“

Голден Стејт претрпеа пораз на домашен терен од Индијана од 111-123 по кој „воините“ паднаа на десеттото место во Западната конференција и си ја искомпликуваа битката за влез во плејин доигрувањето.

Избраниците на Стив Кер имаа двоцифрена предност во првото полувреме што гостите успеаја да ја истопат. На одмор се замина со „плус еден“ за „воините“, но Кари и соиграчите одиграа катастрофално во третиот период што Индијана го доби со 21-36, трасирајќи си го патот кон триумфот. Халибуртон беше главен играч со 26 поени и 11 скокови, Сиакам имаше 25 поени и 16 скокови за Индијана, додека Стеф Кари беше најефикасен кај Голден Стејт со 25 поени и шест погодени тројки од вкупно 18 обиди.

Бостон е многу блиску до осигурување на првото место во Источната конференција пред плејофот откако селтикси славеа на гостувањето во Детроит со 102-129. Фаворитската улога беше лесно оправдана, уште по првото полувреме „зелено-белите“ имаа водство од 16 поени што дополнително го зголемија до самиот крај. Браун ги предводеше стрелците на победничкиот тим со 33 поени, пред Причард со 20 и Порзингис со 19 поени.

ЛА Лејкерс стигна до триумф на дуелот со Филаделфија (101-94), меч на кој најдобри во таборот на „езерџиите“ беа Дејвис со 23 поени и 19 скокови и Леброн Џејмс со 20 поени, осум скокови и шест асистенции.

Резултати:

Детроит – Бостон 102-129, Торонто – Оклахома 103-123, Мајами – Њу Орлеанс 88-111, Минесота – Кливленд 104-91, Сан Антонио – Мемфис 97-99, Голден Стејт – Индијана 111-123, Портланд – ЛА Клиперс 117-125, ЛА Лејкерс – Филаделфија 101-94.

Се вчитува...