Голден Стејт е првиот финалист во Западната конференција од плејофот во НБА-лигата откако „воините“ славеа над Мемфис со 110-96, за конечни 4-2 во победи во оваа полуфинална серија. „Гризлите“ повторно беа без својот главен играч, Џа Морант, кој заработи тешка повреда, а искусниот состав на Голден Стејт знаеше како да го искористи тоа за да стигне до посакуваниот триумф.
Мечот мина во израмнета игра во текот на првите три четвртини, но како пресудни се покажаа последните 12 минути кои минаа во доминација на „воините“. Мемфис во овој период постигна скромни 19 поени, премалку за да се слави на еден од најжешките терени во НБА-лигата. Клеј Томпсон со 30 поени беше најефикасен во победничкиот тим, еден помалку од него постигна Стеф Кари, додека кај Мемфис прв стрелец беше Брукс со 30 поени.
Бостон и Милвоки ќе играат мајсторка за да го одредат патникот во финалето од Источната конференција откако селтикси славеа на шестиот меч, на гостински терен со 95-108. Најзаслужен за оваа победа беше фантастичниот Тејтум, кој го заврши дуелот со 46 поени. На спротивната страна одличен беше и Адетокумбо, со 44 поени и 20 скокови, но грчкиот репрезентативец немаше соодветна помош од соиграчите, па Милвоки го загуби овој драматичен дуел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА