Голем гест на тренерот на Алиоски: Донираше 2.15 милиони евра на свој поранешен клуб

Стратегот на Алиоски во Лидс, Марсело Биелса, важи за фудбалски генијалец, но со својот последен гест аргентинскиот стручњак покажа дека е и голем човек. Имено, Биелса реши да донира 2,15 милиони евра на својот поранешен клуб, Њуел олд бојс, пари што ќе бидат искористени наменски, за комплекс на пет ката во кој играчите ќе имаат беспрекорни услови за тренинг, како и за сместување и за тактичка подготовка за натпреварите. Биелса ќе ги даде парите, а комплексот ќе го носи името на неговиот поранешен помошник Хорхе Грифа.

„Инфраструктурата е нешто што е исклучително важно и не треба да се занемарува. Две работи се клучни, квалитетот на играчите и квалитетот на подготовки за натпреварите. Кога е клубот стабилен, тогаш е и атрактивен за доаѓање на квалитетни играчи и тренери. Јас сакам да помогнам Њуел да ги крене своите стандарди, тоа е клуб што работи добро со млади играчи, а ова е мој начин да помогнам“ – истакна Биелса.

Сумата од 2,15 милиони евра е поголема од сето она што Аргентинецот ќе го заработи во својата прва сезона како менаџер на Лидс, но Биелса воопшто не размислува на таа тема.

Њуелс е клубот што ми помогна да се формирам како личност. Од нив добив многу повеќе отколку што сега им давам. Ништо не им подарувам, само го враќам долгот“ – скромно изјави 63-годишниот стратег.

Се вчитува...