Голем „плус“ за Вардар: Горбок се враќа за реваншот со Загреб

Вардар одигра извонредно на првиот меч со Загреб, а до Роберто Парондо и „црвено-црните“ стигнуваат нови одлични вести – Сергеј Горбок конечно е „фит“ по повредата поради која искусниот бек го пропушти досегашниот дел од сезоната.

Русинот се врати назад во Скопје од редовите на Пик Сегед, но за жал се соочи со сериозни проблеми, мораше да биде опериран во септември, по што долго време мина надвор од терените. Сепак, Горбок самиот обелодени дека конечно се надминати сите пречки и тој очекува да се врати во тимот на Вардар за реваншот против Загреб в сабота.

„Минав тешки месеци во кои имав значителна помош од Марија Лојаница, која ме водеше низ процесот на рехабилитација. Сега тоа е зад мене, долго време сум со тимот, тренирам со соиграчите, дојде време да се приклучам и да почнам да играм. Подготвен сум, се надевам дека тренерите ќе ме изберат за домашниот натпревар со Загреб во ЛШ. А потоа и за фајналфор турнирот од Лигата на шампионите. Тоа е мојата желба“ – истакнува Горбок.

Се вчитува...