Голем проблем за Арсенал: Жезус пак го повреди коленото!

Микел Артета се соочува со огромен проблем откако на неколку дена пред Комјунити Шилд дуелот со Манчестер Сити остана без услугите на Габриел Жезус. За главоболките да се уште поголеми, Жезус се жали на болка на коленото, па „топчиите“ сериозно стравуваат да не дојде до обновување на повредата поради која Бразилецот го пропушти речиси цел втор дел од ланската сезона, во кој Арсенал остана без сила во трката за титулата.

Информацијата за повредата беше објавена попладнево, како објаснување зошто бразилскиот репрезентативец го нема во составот за дуелот против Монако што ќе се игра на „Емирати“. Артета потврди дека станува збор за проблем со коленото, а останува лекарските прегледи да покажат колку е сериозна повредата и колкава ќе биде паузата на Жезус од фудбалските терени.

Едно е сигурно, Бразилецот ќе го пропушти дуелот со Манчестер Сити викендов, а крајно неизвесно е дали тој ќе може да се рехабилитира навреме за премиерниот меч од новата сезона, на домашен терен со Нотингем Форест закажан за 12 август.

Се вчитува...