Голем проблем за Тотенхем – се повреди Хари Кејн

Тотенхем остана без бодовите на гостувањето против Саутемптон, но уште поголем проблем за Жозе Мурињо е што поради повреда тој остана без најдобриот фудбалер на „спарси“, Хари Кејн. Напаѓачот постигна погодок што му беше поништен поради офсајд, за потоа да се пожали на болка во мускулот и веднаш да го напушти теренот.

„Кејн игра цело време, на секој натпревар. Сега се случи да го повреди мускулот, што никогаш не е добра вест за тренерите. Не знам колку е сериозно, но при повреди на мускулите секогаш следи пауза“ – истакна Мурињо.

Ова е сериозен проблем за Португалецот ако се знае дека следниот дуел на Тотенхем во Премиер-лигата е пресметката со лидерот Ливерпул, меч што ќе се игра за десет дена во Лондон.

Покрај Кејн, на повреда во таборот на Тотенхем се жали и најскапото клупско засилување, Тангуј Ндомбеле.

„Не знам што да кажам за Ндомбеле, ова му е можеби десетта повреда сезонава. Тој нема континуитет, цело време е во аут, не знам кога ќе можам повторно да сметам на него“ – изјави стратегот на „спарси“.

Се вчитува...