Голем ракометар, уште поголем човек – Јоновски со помош за училиште во Струга

Долгогодишниот ракометен репрезентативец Ацо Јоновски ја покажа и својата човечка големина, вклучувајќи се во кампањата за помош на училиштето „Јосип Броз Тито“ во Струга. Тој настапува како тренер-играч во германскиот нисколигаш Ратинген, но кога се укажа можност реши активно да се вклучи и да помогне за подобрување на условите во училиштето во неговиот роден град.

„Со големо задоволство ви најавувам дека првиот камион со школски инвентар (хуманитарна донација) е веќе на пат кон Струга. Морам да изразам благодарност до “Interaktiv Schule Sport Soziales”, за ангажираноста и довербата. Се надевам дека ова нема да биде последна акција од ваков вид и искрено се надевам дека нема да добие политички епилог бидејќи се работи исклучиво за хуманитарен проект“ – објави Јоновски.

Кампањата за собирање на финансиски средства за училиштетот почна пред неколку седмици, а во неа се собра мебел, играчки и други донации за училишта во нашата земја. На почетокот на следната седмица донациите треба да стигнат во Македонија.

„Многу работи кои веќе не се потребни во Германија, ќе заминат во Струга. Поради тешките околности, учениците во моментот не можат да присуствуваат ниту на настава. Јоновски разговараше со градоначалникот и му објасни дека ова нема да биде еднократна помош, туку одреден степен на одржливост“, изјави менаџерот на проектот, Бастијан Шлиркамп. 

Сите кои сакаат да донираат за помош на училиштата можат да се обратат директно на компанијата, која ќе ги складира до следната достава во Македонија.

Се вчитува...