Голема победа на Рашфорд – асот на Јунајтед ја премисли Владата

Британската влада го прифати предлогот на фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Маркус Рашфорд повеќе од еден милион деца во Англија да продолжат да добиват бесплатни ваучери за храна во текот на летните одмори.

Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон го прифати барањето од кампањата која ја почна младиот ас на „црвените ѓаволи“. Иако првично барањето на Рашфорд беше одбиено, сепак Владата потклекна под притисокот на јавноста која застана на страна на 22-годишникот кој и самиот е израснат со неговата самохрана мајка. Владата на Велика Британија ќе вложи 120 милиони фунти во фондот за „Ковид летна храна“. Фондот ќе достави ваучери во вредност од 15 фунти на неделна основа кои ќе им бидат достапни на сиромашните деца кои не можат да одат на училиште поради пандемијата од коронавирусот.

Англискиот репрезентативец не го криеше задоволството по позитивниот исход на оваа негова акција.

„Не знам што да кажам… Само погледнете што можеме да направиме кога функционираме заеднички. Ова е Англија во 2020 година“, напиша Рашфорд на официјалниот твитер-профил.

 

Се вчитува...