Горазд Михајлов нов тренер на Ритериаи од Литванија

Еден од нашите најдобри фудбалски тренери Горазд  Михајлов замина за Литванија каде од денес ќе биде нов тренер на тамошниот прволигаш Ритериаи кој во изминатата сезона во конкуренција на десет клуба се пласира на деветтото место, но успеа преку бараж да остане во Лигата. Во Литванија десетте прволигаши играаат секој со секого во четири циклуси. Шампион на  Литванија  за 2025 година беше Жалгирис. Првенството се игра од март до ноември.

Горазд Михајлов има зад себе богата и успешна кариера. Во странство досега работеше во Исланд, во клубот Хотур, во Босна и Херцеговина во Рудар од Приедор, беше во стручниот штаб на Ѓоко Хаџиевски во Саудиска Арабија во Ал Кадиција и во Обединетите Арапски Емирати во клубовите Хата и Ал Дафра.

Забележителни резултати постигна и  во клубовите во Првата лига на Македонија. Со Тетекс го освои купот Купот на Македонија и уште два пати играше во финалето. Успеа да го внесе Борец од Велес во Првата лига по долги години, исто така и Силекс кога испадна од  Втората лига, за да го спаси Вардар од испаѓањето од прволигашкото друштво преку бараж со Детонит од Радовиш.

Горазд Михајлов, кој има ПРО лиценца во изминатите успешни тренерски години беше и тренер  на Охрид, Напредок од Кичево, Пелистер од Битола, Брера и Беса од Гостивар. Две сезони како селектор се грижеше и за женската фудбалска  репрезентација на Македонија.

   М.М

Се вчитува...