Анита Горбич е еден од ретките примери за максимална лојалност во професионалниот спорт, откако унгарската ракометарка денеска потпиша нов договор со Ѓер, што ќе и овозможи целата кариера да ја мине токму во овој клуб. Таа има 35 години, но се уште важи за клучна фигура во таборот на европскиот првак, чиј член е уште од 10-годишна возраст и ги мина сите младински категории пред да почне со професионално играње ракомет.
Затоа, не е никакво изненадување што преговорите за нов договор финишираа експресно, со потпис за соработка за дополнителни две сезони.
„Никогаш не сум облекла дрес на некој друг клуб, само на Ѓер. За мене Ѓер е многу повеќе од клуб, тоа е моето семејство, повеќе од четвртина век сум дел од овој колектив и секако дека сум среќна што авантурата ќе продолжи уште две години. Се чувствувам свежо, подготвено, да помогнам да освојуваме трофеи и во иднина како што тоа го правевме досега“ – изјави Горбич при потписот на договорот.
Анита Горбич има одиграно 679 официјални натпревари за Ѓер, притоа постигнувајќи 3611 погодоци (просек од 5,3 по натпревар). Таа освои 12 титули првак на Унгарија со Ѓер, а успеа и четири пати да го крене пехарот во Лигата на шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА