Ѓорѓевиќ: Го почитуваме Пелистер, но нашата желба е победа

Работнички во премиерата на 26. коло од Првата фудбалска лига денеска од 13 часот на Националната арена „Тодор Проески“ го пречекува Пелистер. По триумфот над Борец, тимот на Александар Влахо посакува продолжување на низата победи и на дуелот против „зелените“ од Битола.

Дефанзивецот Драшко Ѓорѓевиќ верува дека Работнички може да дојде до нов успех доколку одигра на потребното ниво и ги реализира на теренот поставените задачи од шефот на стручниот штаб.

„Пелистер е одличен тим, а посебно добри резултати остварува во пролетниот дел од сезоната. Заслужуваат максимален респект, но од друга страна ние сме мотивирани да продолжиме со добри игри. Верувам дека можеме да ја оствариме целта доколку ги преточиме во дело на теренот поставените задачи од шефот на стручниот штаб Александар Влахо. Одиме од натпревар во натпревар и си поставуваме цел да бидеме подобри од претходниот настап“ – вели еден од столбовите во одбраната на Работнички.

Натпреварот ќе го суди Марјан Гоцевски од Струмица, а ќе му помагаат Ѓорѓи Станковски и Кире Ангеловски. Четврти судија е Јосип Бартон (Скопје).

Се вчитува...