Ѓорѓевиќ високо леташе, па доби уште два нови откази

Александар Ѓорѓевиќ амбициозно го објави поширокиот список на кошаркари за претстојните квалификациски средби со Грција и Естонија, притоа додавајќи дека не гледа причина зошто клучните играчи не би можеле да настапат на претстојните натпревари во септември.

Одличниот стратег очигледно се прецени во прогнозите, па најпрвин своето отсуство го објави Никола Јокиќ, а денеска Ѓорѓевиќ доби ладен туш и од ЛА клиперс. Како што јавуваат српските медиуми, разговорите на раководството на репрезентацијата со челниците на клиперси не вродиле со плод, па клубот од НБА-лигата јасно ставил до знаење дека не дозволува Милош Теодосиќ и Бобан Марјановиќ да го минат половина септември со националниот тим, наместо да работат под специјална тренинг-програма во САД.

Генералниот менаџер Лоренс Френк пресекол и веќе ја соопштил одлуката и на кошаркарите и на самиот селектор, па Ѓорѓевиќ сега ќе мора да наоѓа нови солуции за тимот, бидејќи е јасно дека клучните играчи повторно ќе ги нема на располагање. Покрај тројцата НБА-кошаркари српскиот селектор не може да смета ниту на Бирчевиќ и на Кузмиќ, кои се повредени.

Србија на 13 септември ќе гостува во Ираклион на Грција, а три дена подоцна во Белград ќе ја пречека Естонија.

Се вчитува...