Ѓоргиев: Трето финале, се надеваме дека ќе биде среќно за Македонија!

Македонската одбојкарска репрезентација во свој стил, на спартански начин, обезбеди ново финале во Европската лига, откако ја совлада Данска со 3-2 во сетови. Нашите одбојкари имаа негатива од два сета, но потоа заиграа според очекувањата и успеаја да направат чудесен пресврт.

Во денешното финале противник им е Украина, а капитенот Никола Ѓоргиев се надева дека Македонија ќе има трета среќа, и дека во третиот настап во финалето ќе стигне и до првиот трофеј.

„Имавме навистина тежок натпревар против Данска, но го покажавме нашиот победнички дух и успеавме да стигнеме до триумф, иако ги загубивме првите два сета. Денеска не очекува ново финале, трето за Македонија, и се надеваме на трета среќа! Украина е силен ривал, тие се многу висока селекција и ќе имаат висок напад, што треба да го спречиме. Но, ќе работиме на тоа напорно, и се надеваме дека ние на крајот ќе бидеме победници и ќе си заминеме дома како шампиони“, изјави Никола Ѓоргиев, кој беше фантастичен во решавачките моменти на вчерашното полуфинале против Данска.

Финалето на Европската лига во одбојка меѓу репрезентациите на Македонија и Данска, се игра вечерва од 19 часот. Претходно, од 16 часот, во дуел за третото место силите ќе ги одмерат Данска и Шведска.

Се вчитува...