Гостивар игра моќно, лесно совладан и ТФТ

Гостивар го продолжи извонредниот старт на сезоната откако во третото коло оваа екипа ја забележа и третата победа, на домашен терен над ТФТ со резултат 9-83. По победите над вицешампионот Пелистер и над актуелниот првак МЗТ Скопје, гостиварци денеска го надиграа и актуелниот освојувач на Купот на Македонија, контролирајќи го резултатот во текот на целиот натпревар и заслужено прокнижувајќи нови бодови на прволигашката табела.

Гостиварци тргнаа фуриозно, па со раното водство од 12-4 го принудија гостинскиот тренер да побара тајмаут. ТФТ се консолидираше по советите на Смилковски, пред крајот на првата четвртина израмни на 20-20, а првите десет минути игра завршија со 24-22. Гостивар беше подобар противник и на стартот од втората четвртина, по која домаќините поведоа со 31-22, нешто подоцна со тројката на Ефремовски имаа и 34-25, но ТФТ повторно се врати и во 17. минута израмни на 40-40.

На одмор се замина со водство на Гостивар од 46-42, пред се благодарение на одличниот Корсантија и неговите 17 поени во првото полувреме. ТФТ парираше се до половиина од третата четвртина, кога домаќините се одлепија, поведоа со двоцифрена позитива со 64-54 и потоа го контролираа резултатот се до самиот крај, за гостите да ја спуштат разликата под десет дури во последните секунди од мечот.

Корсантија со 23 поени (имаше и 17 скокови) беше прв стрелец на Гостивар, 22 постигна Пипкинс, а 19 Ефремовски, додека Бартрик со 15 поени и 12 скокови беше најдобар поединец во таборот на ТФТ при вечерашниот пораз.

Се вчитува...