Гостивар со „стотка“ го прослави враќањето во елитата

Кошаркарите на Гостивар со убедлива победа од 101-75 над Кожув го прославија враќањето на елитната кошарка во овој град, кој во минатото беше и шампион на Македонија. По тешката победа во Кавадарци над Фени индустри, гостиварци овојпат немаа никакви проблеми да прокнижат нови бодови.

Младиот тим на Кожув покажа подобро лице отколку во првото коло против Блокотехна, па иако првата четвртина заврши со убедлива предност на домаќините од 25-11, во вториот и во третиот период гостите од Гевгелија одлично му парираа на фаворитот. Сепак, во последните десет минути тие веќе немаа сили да го издржат темпото, па Гостивар ја доби оваа четвртина со 33-16 и на крајот славеше преубедлива победа.

Младиот Јетон Зекири повторно беше одличен во тимот на Марјан Србиновски постигнувајќи 23 поени, Сегариќ постигна 19, а Робев 11 поени за победничкиот тим. Кај Кожув најефикасен беше Мишковиќ со 16 поени, пред Пековиќ и Петров со по 15, додека младиот Тодоровиќ, кој пристигна од редовите на Куманово, дебитираше со осум поени за прволигашот од Гевгелија.

Се вчитува...