Еден од најголемите фудбалски судии кои Македонија ги имала во својата историја, без сомнение е Гоце Попев. Легендарниот делител на правдата уште од времето на поранешна Југославија, во поопширен разговор за српски „Журнал“ отворено зборува на повеќе теми меѓу кои неизбежно се осврнува и на вечната тема „ВАР-технологија“.
Попев отворено за тоа дали би сакал ВАР-системот да постоел и во негово време?
„Не. Ми се допаѓа само гол-технологијата. Само тоа е нешто позитивно. Денес е полесно да се суди, има шест судии задолжени за еден натпревар, двојно повеќе отколку порано. Во тоа време, се плашевме од контролори, здравствени комитети, се молевме на Бога пред семинари затоа што никој не можеше да купи лекарска потврда, а критериумите беа строги“ – вели Попев, притоа објаснувајќи зошто е против ВАР.
„Ако судијата е физички подготвен, не му треба помош од екран. ВАР не може да биде поубедлив од моите очи. Неговата употреба предизвикува несигурност кај судиите, а малкумина игнорираат сугестија. Исто така, кога е офсајдот во прашање, да човечкото око не може да го види секој сантиметар, но тоа е убавината на фудбалот – и грешките се дел од него. Не го убивајте фудбалот поради неколку сантиметри. Исто така, факт е дека ВАР-системот има многу злоупотреба. На крај, пак, луѓе одлучуваат“.
Што мислите околу тоа злоупотреби?
„Прочитав студија од Велика Британија. Тие открија дека во просторијата за ВАР, линијата за офсајд може да се помести за два сантиметри. Денес, работењето со ВАР стана попрестижно од тоа да се биде судија. Наскоро ќе се користи од далечина, или робот ќе суди“.
Сепак, ќе признаете ли дека драстичните грешки не се можни како порано?
„Катастрофалните промашувања се должеа на тенденција, а не затоа што судијата не видел нешто“ – вели Попев.
Денес воопшто не одам на стадионите
Гоце Попев цели десет години ја делеше правдата на фудбалските стадиони, почнувајќи од 1983 година беше незаменлив на листите во најсилната југословенска лига, а потоа се збогуваше од судењето со првиот финален натпревар во Купот на независна Македонија меѓу Вардар и Пелистер во 1993 година.
„Потоа бев претседател на судиската организација две години. Пред тоа, судев уште една сезона во Македонија по распадот на Југославија, се збогував на финалето на Купот меѓу Вардар и Пелистер во 1993 година. Вардар победи со 1-0, претседателот Киро Глигоров го додели победничкиот пехар. Можев да делам правда уште две години, но ете се вклучив во фудбалската федерација. Тогашниот прв човек на Фудбалската федерација на Македонија, Љубисав Иванов – Ѕинго го форсираше Силекс, па по само две години ја напуштив функцијата не сакајќи да бидам дел од тоа што се случува. Од тогаш веќе ништо не ми се допаѓа, не поминувам покрај стадионот. Некои телевизии ме викаа да коментирам за судењето, но имам остар јазик, па не им одговараше на сите. Останав да работам како банкар, имав сигурна и добро платена работа, никогаш не заработував за живот од судење“ – вели Гоце Попев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

