Грчевски заминува од кормилото на женската репрезентација

Кристијан Грчевски повеќе нема да биде селектор на женската ракометна репрезентација на Македонија откако раководството на РФМ реши да не ја продолжи соработката со овој стратег, кој ја водеше Македонија на претходното европско првенство, а сега обезбеди пласман и за наредниот континентален собир.

Сепак, огромните осцилации во играта на последните натпревари надополнети со неочекуваниот пораз од тоталниот аутсајдер Белгија придонесоа челниците на федерацијата да се решат да тргнат во поинаков правец, носејќи одлука да не го продолжат договорот со Грчевски кој истече со крајот на последниот квалификациски циклус.

Главен фаворит за нов селектор на Македонија е поранешната репрезентативка Јулијана Дамчевска, која во последните години почна успешна тренерска кариера.

Таа работеше во младинските категории на ЖРК Металург, потоа го водеше и сениорскиот на ЖРК Металург Автокоманда, а во изминатите години беше именувана и за селектор на кадетската и на младинската женска ракометна репрезентација.

Дамчевска важи за главен фаворит на раководството на РФМ и доколку не дојде до изненадување во последен момент, таа во наредниот период и официјално ќе биде промовирана во нова предводничка на сениорската национална селекција.

Се вчитува...