Грчката „војна“ со победа на Олимпијакос

Олимпијакос ја доби пресметката со Панатинаикос (81-78), во големата „грчка војна“ што сезонава може да се следи само во Евролигата, откако „црвено-белите“ поради бојкотот во ланската сезона беа исфрлени во втората лига од домашното првенство. Денешниот меч за среќа мина без инциденти, понуди врвна кошарка од двете екипи, но во самиот финиш поумешни беа домаќините, кои заслужено се радуваа на победата. ПАО имаше напад за израмнување на десет секунди до крајот (при 81-78), Томас го промаши обидот за тројка за израмнување, по што домашните навивачи почнаа со еуфорична прослава на големиот триумф.

Мекисик беше најефикасен во победничкиот состав со 22 поени, додека кај Панатинаикос прв стрелец во вечерашниот пораз беше Калатес со 18 постигнати поени, надополнети со шест скока и пет асистенции.

ЦСКА Москва славеше во руската пресметка против Зенит со 86-78. Во главна улога беше Мајк Џејмс, кој со 27 поени и пет асистенции беше предводник на својот тим во новата победа, со која ЦСКА ја продолжува трката со Макаби за четвртото место на табелата.

Жалгирис ја искористи предноста на домашниот терен и лесно и убедливо триумфираше над Химки со 96-85. Пресудно беше првото полувреме што литванскиот тим го доби со 50-34, гостите од Русија успеаја да се приближат со одличната трета четвртина (14-24), но немаа сили за пресврт во последните десет минути. Ледеј беше најдобар стрелец на Жалгирис со 23 поени, КејСи Риверс погоди пет тројки за вкупно 15 поени, додека најефикасен кај Химки беше Алексеј Швед со 24 поени.

Се вчитува...