Гризман: Уругвајците ќе играат како Атлетико Мадрид, ќе мораме да се адаптираме

Франција забележа огромна победа над Аргентина, но веќе во четвртфиналето „триколорите“ ги очекува нов јужноамерикански предизвик – пресмeтка со селекцијата на Уругвај. Во споредба со „гаучосите“, Уругвајците се многу поцврста репрезентација против која премногу тешко се создаваат шанси, па Антоан Гризман ги предупреди своите репрезентативни колеги да не паѓаат на притисоците и „нечистите игри“ на противникот.

„Знаеме што ќе се случува, ќе одолговлекуваат, ќе паѓаат, ќе трчаат по судијата. Да бидам искрен, и ние го правиме тоа во Атлетико Мадрид, но поинаку е со Франција, овојпат ќе мораме да се прилагодиме Мечот ќе биде здодевен, тие ќе сакаат да го убијат темпото, да има што помалку голови, наше е да не паднеме на притисоците и на нивните провокации, туку да се обидеме да ја наметнеме нашата игра“ – истакнува Гризман.

Асот на Атлетико против себе ќе има добро познати лица, Годин и Хименез од Атлетико Мадрид се клучни играчи во одбраната на Уругвај.

„Тоа што останав во Атлетико е заслуга на Годин. Тој е фантастичен пријател, минувам доста време со него и надвор од теренот и затоа Диего е кум на мојата ќерка. Јасно е дека тој и Хименез се извонредни дефанзивци, го покажаа тоа и на овој мундијал, ќе ни биде многу тешко да стигнеме до голот на Муслера крај нив“ – порачува францускиот голгетер.

Се вчитува...