Гризман: За голот го копирав Меси, а за прославата – Леброн Џејмс

Критикуван по слабиот настап во првото коло во Билбао, Антоан Гризман блесна во сиот свој сјај на синоќешниот дуел со Бетис. По негативата од 0-1 по првото полувреме, францускиот ас со два гола и една асистенција донесе целосен пресврт, а ефектот е уште позначаен ако се знае дека Барса на овој натпревар настапи без повредените Меси, Дембеле и Суарез.

Екс-фудбалерот на Атлетико беше горд на своето издание, на премиерниот натпревар на „Камп ноу“ во каталонскиот дрес.

„Се чувствувам прекрасно, да се дадат два гола на овој стадион, пред полни трибини, тоа беше фантастично. Сепак, морам да ги истакнам соиграчите, сите заедно работевме за да го свртиме резултатот во наша полза. Вториот гол? Го гледам Меси како го прави тоа на тренинг и решив да го ископирам. Излезе добро“ – истакна Гризман.

Францускиот ас токму тој прекрасен погодок реши да го прослави во стилот на Леброн Џејмс… ширејќи ги рацете пред преполната трибина.

„Голем фан сум на НБА-лигата и особено на Леброн. Навистина, го копирав него по вториот гол. Ја подготвував таа прослава дома, купувавме и конфети за да изгледа идентично“ – открива големото засилување на Барселона.

Се вчитува...