Грнев: Сите знаат каква коректна екипа е Кит Го, ние уживаме во фудбалската игра

Фудбалерите на Кит Го ремизираа (1-1) во дерби пресметката со Тиквеш во 16. коло од Втората лига – Исток, во натпревар во кој може да се жали и за пропуштените три бода поради примениот погодок во самиот финиш од средбата.

Шефот на стручниот штаб Емил Грнев е горд на своите фудбалери од начинот на кој го одиграле натпреварот.

„Горд сум на нашите фудбалери кои го оставија срцето на теренот. Ако се погледне се на натпреварот, заслуживме и победа но примивме помалку наивен гол поради пад на концентрацијата во одбраната во финишот“ – вели Грнев во изјава за официјалната интернет-страница на клубот.

Од таборот на ФК Тиквеш се одлучија на прозивка поради наводно нерегуларниот погодок на Кит Го. Но, според пехчевци, сите видео материјали јасно посочуваат за регуларноста на голот и оправдано донесената одлука на главниот судија. Грнев вели дека не сака да го коментира судењето, иако не се коректни прозивките од редовите на кавадарчани.

„Ако зборуваме за судењето тогаш и ние би можеле да реагираме за многу крвнички стартови од противничките фудбалери кои останаа без никаква санкции, а беа за црвени картони. Но, никогаш не сум сакал, и сега нема да го коментирам судењето затоа што си има надлежни кои ќе ја оценат нивната работа“ – вели Грнев, и дополнува:

„Сите многу добро знаат во македонскиот фудбал дека Кит Го е културна екипа која игра чесно секогаш и секаде, затоа што нас не води единствено љубовта кон фудбалската игра. За нас единствената цел е секој натпревар да биде фер и коректен, без разлика кој ќе победи на крајот. Едноставно, сакаме да уживаме во фудбалската игра. Така ќе биде секогаш“.

Се вчитува...