Ѓуроски: Мораме да играме многу подобра одбрана…

МЗТ Скопје и Карпош соколи вечерва ја продолжуваат битката за титулата во кошаркарскиот шампионат, со вториот меч што ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20 часот. „Металците“ на првиот натпревар забележаа минимална победа од 77-76, но избраниците на Анте Назор се свесни дека вечерва ќе мора да одиграат уште подобро доколку сакаат да стигнат до предност од 2-0 во оваа финална серија.

„Средбите од Супер-лигата и победите над Карпош соколи воопшто не беа залажување за нас бидејќи знаеме дека финалните натпревари секогаш се поинакви од сите останати и го извлекуваат најдоброто од сите екипи. Во првиот дуел нервозата беше очигледна, таа придонесе да имаме осцилации, да се вратиме од „минус девет“, па потоа гостите да се вратат по идентична разлика. Сепак, одигравме добро во одбраната кога беше најважно и сметам дека заслужено славевме“ – изјави Стојан Ѓуроски, македонскиот репрезентативец во редовите на МЗТ Скопје.

Актуелните шампиони се свесни дека почетната победа е само еден чекор на долгиот пат до титулата, но и дека на дуелот во СЦ „Борис Трајковски“ ќе мора да се прикаже уште подобра игра за да се стигна до триумф на гостински терен.

Секако дека ќе настојуваме да играме подобро. Пред се мислам на одбраната, имаме потенцијал и квалитет за да играме далеку подобро во дефанзива. Наша цел сигурно ќе биде да го спуштиме противникот под оние 76 поени кои ги постигна на првиот натпревар“ – вели Ѓуроски.

Се вчитува...