Гвардиола ја смени тактиката, Сити го растури Јунајтед

Манчестер Сити е на чекор до големото финале во англискиот Карабао Куп откако „граѓаните“ во првиот полуфинален натпревар како гостин го декласираа градскиот ривал Манчестер Јунајтед со 1-3.

Пеп Гвардиола ја промени формацијата и се реши за стартен тим без класичен напаѓач, оставајќи ги и Агуеро и Жезус на клупата за резерви. Брзоногото трио Стерлинг – Марез – Бернардо Силва им создаваше огромни проблеми на дефанзивците на Јунајтед во првото полувреме, во кое „сините“ ги понижија своите соседи стигнувајќи до водство од 0-3.

Бернардо Силва со еврогол од 20 метри го отвори резултатот, а на 0-2 зголеми Марез. Третиот погодок беше автогол на Переира по одличната соло-акција на Де Бруине, кој со фантастичен дриблинг се ослободи од Џонс, не успеа да го совлада Де Хеа, но топката сепак заврши во мрежата.

Сити имаше шанси и во вториот дел, но Јунајтед успеа да се избори барем за нешто попристоен пораз откако Рашфорд ја затресе мрежата на „граѓаните“, за барем ронка радост на „црвените ѓаволи“ на вечерашното полуфинале.

 

Се вчитува...