Гвардиола: Сигурен сум дека ќе играме во полуфиналето на ЛШ

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, пред реванш мечот од четвртфиналето во Лигата на шампионите против Тотенхем, изјави дека верува во пресврт на неговиот тим и пласман во полуфиналето. Сити во првиот натпревар кој се играше во Лондон, загуби од Тотенхем со 1-0 и в среда на „Етихад“ ќе има тешка задача да се пласира меѓу најдобрите четири екипи на Стариот континент.

„Сигурен дека ќе играме во полуфиналето на Лигата на шампионите. Чувство дека ќе минеме понатаму имав и кога ја гледав снимката од првиот меч, а истото чувство го имам и сега. Можеби грешам, но уверен сум дека ќе поминеме“, вели Гвардиола. 

Доколку Сити не успее да се пласира во полуфиналето, според шпанскиот стратег тоа нема да биде „крај на светот“.

„Ако доживееме елиминација, ќе бидеме тажни еден ден или два, а потоа ќе се бориме за трофејот во Премиер лигата и во ФА купот. Евентуалната елиминација не е причина за паника, затоа што и наредната сезона ќе играме во Лигата на шампионите“, дополни Гвардиола. 

Клубот од „Етихад“ минатата сезона испадна во четвртфиналето од Ливерпул, а сезоната претходно беше сопрен во осминафиналето од составот на Монако.

Се вчитува...