Хамбарџумјан прослави „стотка“ со два гола: Ќе го паметам долго јубилејот

Ерменскиот интернационалец Хофханес Хамбарџумјан на мечот против Академија Пандев го имаше својот стоти настап во дресот на Вардар, а успеа да го зачини и со два гола. Среќен е поради тоа, и посакува уште подобри игри и за себе и за тимот во иднина.

„Се чувствувам одлично. Секој фудбалер посакува еден ваков јубилеј, а мојот 100. натпревар ќе го паметам уште долго. Затоа што постигнав два убави гола. Мислам дека тоа е заслуга на целиот тим, а уште поважно е тоа што успеавме да победиме во тој натпревар и да освоиме три бода. Навистина ми е драго што на крајот сè излезе како што треба, и за мене и за екипата“, вели Хамбарџумјан за официјалниот сајт на клубот.

Тренерот Чедомир Јаневски на овој натпревар му ја довери левата странична позиција, иако тој по вокација е всушност десен бек. Но, нема проблем, а и одигра во голем стил.

„Ќе играм на таа позиција на која што стручниот штаб ќе смета дека можам да покажам најмногу. Со Академија Пандев играв лев бек, и не ми пречеше. Имам играно неколку пати на оваа позиција и порано. Ете, успеав да постигнам и два гола. Дали е погодена позицијата или не, на еден играч, може да се знае само по завршувањето на натпреварот. Јас на секој натпревар без разлика каде и да играм, го давам максимумот. Тоа овој пат даде резултат, и се надевам така ќе биде и во иднина“, истакнува ерменскиот интернационалец во редовите на Вардар.

Се вчитува...