Хамилтон блесна во Бахраин, фијаско на Ферари

Луис Хамилтон на втората овосезонска трка стигна и до првата победа, триумфирајќи со фантастично возење во Бахраин и покажувајќи зошто е актуелен светски првак. Британецот долго време возеше зад двајцата возачи на Ферари, Леклерк и Фетел, но ги дочека своите пет минути во последните десетина круга, излезе на чело на табелата и сосема заслужено се искачи на највисокото место на пиедесталот.

Кошмарот за Ферари почна во 38. круг, кога Хамилтон го мина Фетел, а Германецот реагираше почетнички и загуби контрола над болидот. Хаосот се зголеми откако Фетел еден круг подоцна имаше мал судар со Расел, поради што мораше да замине во „бокс“ и до крајот немаше шанси да се вмеша во битката за највисок пласман.

Леклерк делуваше сигурно на врвот, младиот возач на Ферари имаше предност од над 10 секунди во однос на Луис Хамилтон, но потоа се пожали на сериозни проблеми со болидот. Тоа се одрази на неговата брзина, а Хамилтон за само неколку круга успеа да го престигне, по што рутински ја доврши трката за своја прва победа во 2019 година.

Проблемите на Леклерк се зголемуваа како што се ближеше финишот на трката, Ботас го искористи тоа и стигна до второто место за „еден – два победа“ на Мерцедес.

Вистински хаос на два круга до крајот му се случи и на тимот на Рено, откако во рок од триесет секунди излетаа и Хулкенберг и Рикиардо. Поради остатоците од болидот на Рикиардо на патеката влезе безбедносно возило, што му овозможи на Леклерк да остане пред Ферстапен и да го освои третто место на оваа трка.

Ферстапен на крајот мораше да се задоволи само со четвртата позиција, пред разочараниот Фетел кој денеска имаше шанси и за победа, но на крајот го освои петтото место.

Се вчитува...