Ханикат се самоубил бидејќи не заминал во НБА?!

Кошаркарската јавност во текот на вчерашниот ден беше шокирана од прераната смрт на Тајлер Ханикат, талентираниот американски кошаркар кој почина во Лос Анџелес по една престрелка со полициски сили од овој град. Полицијата обелодени дека кошаркарот кој ланската сезона ја мина во руски Химки се самоубил, но неговата мајка Лиза се сомнева дека тоа е вистина.

Таа ги повикала полицајците бидејќи Тајлер почнал да се однесува депресивно, но не ни сонувала за ваков расплет. Воедно, Лиза открива дека причина за депресијата на Ханикат било откритието дека имал проблем со коленото, поради што не му се исполнила желбата да се врати во НБА-лигата.

„Сакаше да се врати во НБА, имаше договор да настапува за една екипа во Летната лига, но потоа лекарите открија дека има проблем со коленото. Тоа беше огромно разочарување за него, му реков дека ќе викнам полиција ако почне да се однесува агресивно. Ги викнав полицајците, дојдоа и го убија моето дете. Тој беше депресивен, а тие дојдоа со 30 комбиња и почнаа да пукаат. Сега се обидуваат да наместат дека било самоубиство, но знам дека тоа не е случај. Беше депресивен, но ми рече дека не би се повредил себе си бидејќи на тој начин многу ќе ме повреди и мене“ – тврди Лиза Ханикат.

 

Се вчитува...