Хановер со понуда за Филип Кузмановски

Филип Кузмановски не ја доби посакуваната минутажа во Магдебург, па лесно може да се случи македонскиот репрезентативец на крајот од сезонава да си замине од овој клуб. Иако интерес за Македонецот покажуваат и Вардар и Пелистер, многу поголеми се шансите тој да остане во Бундес-лигата, каде сериозен интерес за неговите услуги покажа тимот на Хановер.

Тиражниот весник „Билд“ повикувајќи се на извори од клубот тврди дека е веќе испратена понуда до Кузмановски, кој ќе треба наскоро да донесе одлука за својата иднина. Според „Билд“, раководството на Хановер најпрвин се интересирало за Сташ Скубе од Вардар и за Миха Зарабец од Кил, но сега фокусот е целосно насочен кон Кузмановски. Тој би дошол во тимот на местото на ветеранот Мортен Олсен, кој летово ќе си замине од Хановер и ќе се пресели во Гудме.

Филип Кузмановски минатото лето пристигна во Магдебург од редовите на Работник, откако претходно неколку сезони со успех го носеше дресот на Металург. Иако прикажуваше добри игри во подготвителниот период, неговата минутажа од почетокот на сезоната беше минимална.

Тренерот го посочи непознавањето на германскиот јазик како главна причина за тешката адаптација, во меѓувреме беше донесен и нов среден бек од Кил, но по неговата повреда Кузмановски сега почна да добива минутажа во Бундес-лигата и во ЕХФ-Купот.

Магдебург потпиша нови договори со Безјак и со Гисли Кристијансон, па големи се шансите дека управата на клубот ќе даде зелено светло за заминување на Македонецот.

Се вчитува...