„Војна“ во Баерн пред мечот со ПСЖ: Ханси Флик револтиран на раководството најави заминување од клубот!

Тренерот на Баерн Минхен, Ханси Флик, им соопшти на челниците на клубот дека е незадоволен од статусот во клубот, објави Билд.

Флик, кој со Баерн минатата сезона дојде до европската шампионска круна, и кажал на управата дека на крајот од сезоната ќе размисли околу својата иднина во клубот затоа што не се гледа и натаму во Баерн. Во последниот месец имаше неколку судири со спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ, па односот меѓу нив двајцата е тотално нарушен.

Флик сака да биде клучна фигура околу трансфер политиката, но раководството на Баерн е на страната на Салихамиџиќ затоа што во клубот секогаш важело правилото дека трансферите се во надлежност на менаџментот.

Неодамна Флик и Салихамиџиќ имаа вербална расправија и во клупскиот автобус, а тренерот и го навредил спортскиот директор.

„Не сум горд на една реченица која му ја кажав. Разговаравме потоа, се ракувавме и кажавме дека нештата мора да се насочат кон вистинскиот пат. Кога нешто ќе направите лошо, се извинувате и продолжувате понатаму“ – истакна тогаш Флик, за кого се навестува дека ќе биде следниот селектор на германската репрезентација.

Баерн вечерва од 21 часот против ПСЖ на домашен терен го игра првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите.

Се вчитува...