Само два месеци откако Аргентина стигна до финалето на Светското првенство каде загуби од Шпанија, аргентинската фудбалска Федерација (АФА) се наоѓа во хаос.
Неисплатени бонуси, тешките обвинувања за претседателот на АФА и неизвесноста околу иднината на селекторот Лионел Скалони создаваат тензична атмосфера пред претстојната репрезентативни активности.
Италијанскиот весник „Газета дело Спорт“ пишува дека бонусите кои им биле ветени на фудбалерите за пласманот во финалето на СП кое се одржа летово сè уште не се исплатени и тој податок внесува нервоза меѓу репрезентативците.
Лошата атмосфера во репрезентацијата дополнително ги наруши односите меѓу играчите и раководството на федерацијата. Дел од најголемите ѕвезди на Аргентина наводно сметаат дека не се испочитувани договорените обврски кон нив.
Големата причина за загриженост кај аргентинските фанови е и иднината на селекторот Лионел Скалони.
Скалони, кој ја предводеше Аргентина до две последователни титули на Копа Америка, светската титула во 2022 година и пласманот во финалето на последното Светско првенство, наводно не планира да го продолжи договорот по неговото истекување во декември 2026 година.
Тоа би означило крај на една од најуспешните ери во историјата на аргентинската репрезентација.
Овие проблеми доаѓаат во чувствителен момент, бидејќи АФА се соочува и со сериозни правни проблеми. Имено, и Претседателот на АФА, Клаудио Тапија, се соочува со сериозни обвинувања за перење пари.
Случајот предизвика дополнителни турбуленции во работата на федерацијата, а административните проблеми се почувствуваа и во организацијата на репрезентативните активности.
АФА дури неодамна по повеќенеделни одложувања и неизвесност потврди дека „Гаучосите“ ќе играат пријателски натпревари против Буркина Фасо, Боливија и Бенин, кои сигурно не се дел од светската репрезентативна елита.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
