Хаос во Австралија: Ферстапен е „недопирлив“

Макс Ферстапен уште еднаш покажа дека во моментов е број 1 во Формула 1 шампионатот откако светскиот првак славеше на трката за ГН на Австралија, што ја одбележаа бројни судари и излетувања. Стјуардите дури три пати се решаваа за црвено знаме за време на трката, финишот беше одложен за повеќе од еден час, за на крајот возилата да минат низ целната линија откако чекаа триесетина минути за да извозат последен круг зад сигурносното возило.

Ферстапен имаше слаб старт, губејќи ја пол позицијата и веднаш паѓајќи на третото место, зад Расел и Хамилтон, но асот на Ред Бул успеа да се врати на чело на колоната откако трката беше прекината со црвено знаме, по излетувањето на Албон и оштетувањето на дел од заштитната ограда. Расел во меѓувреме поради проблеми со моторот ја заврши трката, која беше малерозна и за Леклер од Ферари, кој уште во првиот круг мораше да го паркира својот болид.

Ферстапен делуваше сигурно на патот до победата, но потоа на два круга до крајот повторно се појави црвено знаме, што значеше пауза и нов старт кога условите на патеката ќе го дозволат тоа. Хамилтон се надеваше дека повторно ќе успее да го мине големиот ривал, но тоа не се случи. Наместо тоа, имавме уште посериозен инцидент откако Саинц на првиот свиок се удри во болидот пред него, а трката ја завршија и Гасли, Окон, Сарџент и Де Врис, па следеше ново црвено знаме и пауза од повеќе од 20 минути, пред трката да продолжи со возење на последниот круг. Директорот на трката по долго размислување реши последното продолжение да биде зад сигурносно возило, по што Ферстапен стигна до нова победа.

Ферстапен заврши на првото место, пред Луис Хамилтон и Фернандо Алонсо, четвртото место му припадна на Строл, а петтопласиран беше Саинц, кој сепак го загуби овој пласман поради инцидентот при повторениот старт за кој беше казнет со пет секунди, на крајот завршувајќи на 12. позиција.

 Вториот возач на Ред Бул, Серхио Перез, кој ја стартуваше трката од последното место, успеа да стигне до шестата позиција.

Се вчитува...