Хаос во Франција: Клубовите останаа без 243 милиони евра од ТВ-права

На француските фудбалски клубови им се заканува финансиски колапс откако денеска беше официјализирано дека нема да ги добијат преостанатите пари од договорот за ТВ-права што го имаа потпишано со „Канал Плус“ и со „Беин Спортс“. Двете телевизиски куќи објавија дека поради предвремениот прекин на сезоната тие немаат што да им понудат на своите гледачи, па со самото тоа и немаат обврска до клубовите да го исплатат до крај потпишаниот договор.

Вкупниот долго на „Канал Плус“ и на „Беин Спортс“ изнесува 243 милиони евра, или над 20 милиони евра по клуб, суми што беа планирани во буџетите на прволигашите, кои сега ќе останат со големи „дупки“ во пресрет на планирањето на парите за наредната сезона. Француската лига побарала заем од вкупно 200 милиони евра, пари со кои би се решиле голем дел од проблемите на прволигашите, а доколку и оваа варијанта пропадне, огромна е веројатноста дека најмалку два до три клуба ќе прогласат банкрот во текот на летово.

Весникот „Л’Екип“ објави дека е донесена одлука ПСЖ да биде прогласен за шампион, а во ЛШ следната сезона да се пласираат Олимпик Марсеј и Рен, како второ и третопласирани екипи во моментот на прекин на сезоната. За разлика од останатите земји, кои дискутираат за прекин без испаѓање, Французите решија последните два тима, Амиен и Тулуз, да се преселат во понизок ранг на натпреварување.

Се вчитува...