Италијанскиот фудбал повторно се соочува со хаотична состојба откако беше прекинато на неодредено време натпреварувањето во „Серија Б“. Ова е одлуката на Судот во регионот Лацио по жалбата на Про Верчели, клуб кому не му беше дозволено да влез во втората италијанска лига.
Причина за ова е битката на неколку клубови да влезат во втората лига и покрај одлуката на Фудбалската Федерација овој ранг на натпреварување сезонава да брои 19 екипи. Проблемот настана откако Бари, Авелино и Чезена поради банкрот го откажаа настапот, по што Про Верчели, Катанија, Сиена, Новара и Тернана сите искажаа желба да го заземат местото на овие три клуба.
Федерацијата на крајот реши лигата да се намали, а кога Спортскиот суд при КОНИ (Италијанскиот Олимписки Комитет) ги одби жалбите на екипите се чинеше дека ситуацијата конечно е разрешена, но клубовите ја продолжија битката по италијанските судови.
„Регионалниот административен суд во Лацио реши да ја суспендира одлуката на КОНИ. Ова значи дека лигата е прекината додека не биде донесена конечна одлука, тоа нема да се случи пред наредниот петок, а во меѓувреме не може да се играат натпревари во втората лига“ – соопштија италијанските медиуми.
Нејасно е дали доколку лигата повторно се зголеми на 22 екипи првите три кола воопшто ќе бидат валидни или ќе се почне од почеток со настапи за сезоната 2018/2019.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА