Јувентус експресно ја заврши работата во преговорите со играчите за намалување на платите за наредниот период, процес што во Наполи не е ниту стартуван. Информациите од Италија говорат дека во таборот на „наполитанците“ повторно владее хаос откако претседседателот Де Лаурентис не им ја префрлил на фудбалерите ниту февруарската плата.
Откако увидел дека може да дојде до прекин на сезоната првиот човек на Наполи почнал со тактизирање, однос со кој повторно се создала тензија во играчкиот кадар. Фудбалерите се децидни, цел февруари играа во непрекинато темпо и бараат да бидат целосно исплатени за тој месеци, па потоа да седнат и да преговараат за намалување на платите за периодот во кој ќе трае паузата. Веќе е поднесена и жалба до Здружението на професионални фудбалери во Италија, чиј претседател Дамјано Томази најавил дека ќе реагира најпрвин до раководството на Наполи, а потоа и до челниците на Италијанската Фудбалска Федерација.
Токму ваквиот однос на Де Лаурентис е причината поради која Дрис Мертенс повторно размислува за заминување и одбива да потпише нов договор со Наполи, иако претходно беа договорени условите за соработката.
За потсетување, првиот човек на Наполи влезе во војна со фудбалерите и во првиот дел од сезоната, најави сериозни казни и кратење од платите, што нешто подоцна резултираше и со смена на тренерот Карло Анчелоти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА