Хенес ќе прави ремонт во Баерн, но дури на крајот од сезонава

Мина времето кога Ули Хенес за кризата во Баерн Минхен ги обвинуваше новинарите, сега и на првиот човек на германскиот првак му е јасно дека е потребен „ремонт“ во играчкиот кадар, но Хенес е решен тоа да го стори дури по завршувањето на сезонава. Баерн по поразот од Борусија сега заостанува седум бода зад најголемиот ривал, што е доволна причина за палење на „алармот“ во Минхен.

„Едно е сигурно, нема да правиме ништо во јануари. Доволно е што пред Божиќ ќе ни се врати Кингсли Коман, наскоро во тимот ќе го имаме и Тијаго Алкантара. Во февруари ќе се врати и Толисо, тие ќе бидат нашите засилувања“ – истакна Хенес.

За разлика од јануарскиот преоден рок, тој најавува далеку посериозни активности за летото што следи.

„Зимава не очекувајте ништо, но затоа Баерн ќе биде многу активен на трансфер-пазарот. Следната година очекувајте коренити промени, сигурно ќе го промениме лицето на нашиот тим“ – порача Ули Хенес.

Ова ќе значи речиси сигурно заминување на Рибери и Робен, на кои договорите им истекуваат во јуни 2019, останува да се види дали Левандовски повторно ќе инсистира на трансфер, а можно е „Алијанц арена“ да ја напушти и Боатенг.

Се вчитува...