Хенес: Ковач многу ротира, но не му се мешаме во работата

Нико Ковач беше на чекор да го израмни рекордот на Карло Анчелоти за најдобар старт на еден нов тренер во Баерн, но комплиментите експресно се претворија во критики откако баварскиот гигант влезе во криза, останувајќи без триумф на последните три натпревари. Медиумите пишуваат и за незадоволство на дел од играчите, предводени од Хумелс и од Хамес Родригез, за постојаните ротации во тимот, нешто што не му се допаѓа ниту на претседателот Ули Хенес.

„Гледаме премногу ротации во тимот откако тој дојде за тренер. Тоа е мал прблем, но не е толку драматично. Се е до Нико Ковач, но ние не му се мешаме во работата, на крајот тој самиот ризикува и свесен е за ризикот. Имаме одредени проблеми поради слабите резултати во последно време, но тоа им се случува на сите клубови во текот на сезоната. Сепак, не ги разбирам медиумите, до пред десет дена се пишуваше дека сите останати играат за второто место во Бундес-лигата, а сега одеднаш буквално се се промени“ – изјави Хенес.

Баерн во следното коло се среќава со Борусија Менхенгладбах, а според германските медиуми Нико Ковач не отстапува од својата стратегија – да го ротира тимот на секој натпреварот.

Се вчитува...