Хенес: Тухел да внимава што зборува, цел Баерн изгледа лошо поради неговите изјави

Ули Хенес повторно има збор во раководењето на Баерн Минхен откако легендарниот претседател се врати назад во клубот по бурните промени и заминувањата на Оливер Кан и Хасан Салихамиџиќ во текот на летото.

Тој имаше значаен придонес во одлуките носени во текот на летото, а Ули Хенес не крие дека е разочаран од односот на Томас Тухел, кој во неколку наврати јавно ширеше незадоволство од актуелниот ростер барајќи да му бидат доведени нови засилувања.

„Таквите изјави се за мерак на медиумите, особено на таблоидите. Таквите коментари, дадени од тренерот Тухел, не се многу мудри. Искрено, не ми се допаѓа кога тренерот излегува во јавноста и кажува дека нашата екипа е „тенка“ на неколку позиции. Целиот клуб Баерн изгледа лошо по една таква изјава, а најстрашното е што ние воопшто немаме тенка екипа, добро сме покриени“, изјави Хенес.

Тухел се надева на нови засилувања во јануари, но Ули Хенес не гарантира дека таа желба на тренерот ќе биде исполнета.

„Ако процениме дека ни се неопходни нови играчи и ако има такви фудбалери на пазарот под услови што ни одговараат, тогаш ќе реагираме. Сепак, ние како управа не сме тука за да ги исполнуваме моментните желби на тренерите, туку да се погрижиме Баерн да е силен и финансиски стабилен и во наредните десет години“, порача Ули Хенес.

Се вчитува...