Поранешниот холандски репрезентативец, Рафаел ван дер Варт, се извини откако за време на телевизискиот пренос од натпреварот меѓу Холандија и Јапонија на Светското првенство изјави дека јапонските играчи „сите личат еден на друг“, објавија британските медиуми.
Ван дер Варт, кој работеше како стручен коментатор за холандската телевизиска станица НОС, даде контроверзен коментар анализирајќи ја ситуацијата за време на израмнувачкиот гол на Јапонија за 2:2, кога холандскиот дефанзивец Мики ван де Вен го изгуби од вид напаѓачот Коки Огава.
Поранешниот играч од средниот ред, кој одигра 109 натпревари за холандската репрезентација и беше член на тимот што играше во финалето на Светското првенство во 2010 година, подоцна се извини јавно.
„Никогаш не ми беше намера да навредам, повредам или дискриминирам некого. Јас сум против расизмот во сите негови форми и ги почитувам луѓето без оглед на нивното потекло, етничка припадност или култура. Разбирам дека некои од моите зборови може да бидат сфатени како навредливи или болни и за тоа искрено жалам. Доколку мојот коментар повредил или вознемирил некого, искрено се извинувам. Тоа никогаш не ми беше намера “, рече Ван дер Варт.
Организацијата за борба против дискриминацијата во фудбалот „Kick It Out“ ја осуди неговата изјава и ги повика емитувачите да бидат повнимателни при изборот и едукацијата на своите гости.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
