Хорор за Ливерпул: Крај на сезоната за Ван Дајк?

Градското дерби против Евертон ќе се претвори во кошмар за Јирген Клоп, откако по неколкуте судиски грешки стратегот на Ливерпул ќе ја добие најлошата можна вест – за повредата на Вирџил ван Дајк. Клоп обелодени дека Ван Дајк и Тијаго морале да заминат во болница на детални прегледи по бруталните стартови на Пикфорд и на Ричарлисон врз нив, а според весникот „Дејли Мејл“ проблемот на холандскиот дефанзивец е крајно сериозен – повреда на вкрстените лигаменти на коленото.

Според изворите на „Дејли Мејл“, холандскиот дефанзивец ќе мора да замине на операција, по што ќе го очекува паузата од најмалку седум месеци, што би значело дека оваа сезона речиси сигурно е завршена за извонредниот одбранбен фудбалер.

Холанѓанецот не беше изнесен на носилки туку самиот го напушти теренот, што влева оптимизам меѓу „црвените“ дека лигаментите сепак не се скинати и повредата не е толку сериозна колку што тврдат медиумите. Официјална информација се очекува во текот на утрешниот ден.

Се вчитува...