Хотелите на Роналдо за коронавирус – лажна вест на годината

Во периодот на глобална криза и пандемија од коронавирус ширум светот, како „бомба“ одекна веста за хуманиот гест на Кристијано Роналдо, кој ги оспособил своите хотели за да бидат користени како болници. Беше наведено и дека тој целосно ќе ги покрие трошоците на медицинските лица кои ќе работат во нив, како помош во борбата против коронавирусот.

И навистина се ќе беше прекрасно, само доколку беше вистина, бидејќи информацијата само неколку часа подоцна наиде на демант од неколку португалски медиуми.

„Кризата во Португалија не е толку голема за да има недостиг од болници и медицински установи што би се користеле како карантин. Дури и доколку ситуацијата ескалира, постојат бројни државни згради кои многу полесно би биле користени како болница отколку луксузен хотел. Се тврдеше дека престојот на пациентите ќе биде бесплатен, што е глупост, исто како и фактот дека Роналдо би ги плаќал лекарите, што е уште една невистина бидејќи сите медицински лица кои учествуваат во оваа борба се платени од државниот буџет“, порачаа медиумите во Португалија.

Дека станува збор за „лажна вест“ најдобар доказ е фактот дека шпанскиот весник „Марка“, кој меѓу првите ја објави, неколку часа подоцна ја избриша од својата веб-страница.

Роналдо самиот сигурно не е виновен за целата ситуација, но исто така и не е „светец“ каков што сакаа да го прикажат оние кои ја лансираа лажната вест за асот на Јувентус и на португалската репрезентација.

Се вчитува...