Храбри срца: Фени посилен од проблемите, го растури Кожув

Кошаркарите на Фени индустри покажуваат фантастичен карактер во периодот кога не само нивната, туку и судбината на целокупниот клуб од Кавадарци е доведена во прашање. Избраниците на тренерот Малинков денеска им донесоа радост на своите верни фанови, откако на домашен терен го декласираа составот на Кожув со резултат 93-77.

Фактот дека им се должат неколку плати, а клубот е на работ на егзистенција им послужи како инспирација на кавадаречките кошаркари, кои одиграа фантастично и заслужено стигнаа до својата петта победа сезонава. Фени индустри уште во првото полувреме стигна до двоцифрена предност, на одмор се замина со резултат 48-37, за потоа „пулените“ на Малинков да продолжат да доминираат и во преостанатите 20 минути и на крајот заслужено да слават со конечни 93-77.

Горјан Марковски беше прв стрелец на победничкиот тим со 28 поени, а одличен беше и искусниот Јане Петровски, кој реализираше 18 поени, осум асистенции и шест скокови. Најефикасен кај Кожув беше Мишковиќ со 18 поени .

Се вчитува...