Женската ракометна репрезентација на Македонија славеше со 25-22 над Хрватска во третиот меч на турнирот „Трофеј Македонија“ што се одржуваше во Охрид, триумф со кој нашата национална селекција го освои второто место во турнирот. „Коцкестите“ важеа за фаворитки во пресрет на натпреварот, но Македонија одигра одличен меч, имаше „плус пет“ на полувреме, најде сили и кога противникот се врати и на крајот заслужено се радуваше на победата
Македонија одлично влезе во натпреварот, експресно поведе со 3-0, а по погодокот за 5-1 хрватскиот селектор Ивица Обрван мораше да побара тајмаут. Голманката Петковска бранеше одлично на почетокот, а во нападот блескаше пивотот Катерина Дамјановска со четири постигнати погодоци. Македонија имаше целосна контрола над резултатот во првото полувреме, нашите ракометарки имаа 10-5 с погодокот на Кипријановска, потоа и 12-7, за на крајот да заминат на одмор со 14-9 по погодоците на Сара Ристовска и на Ризоска.
Второто полувреме донесе поинаква слика, седум минути се мачевме да постигнеме гол, за конечно да успееме да реализираме од крило преку Ризоска. Македонскиот селектор побара тајмаут во 38. минута при 15-14, заигравме седум на шест во нападот и се вративме на „плус три“ (17-14) со третиот погодок на мечот на Сара Ристовска. Хрватска повторно се врати, намали на 17-16, преку Џатевска реализиравме за „плус два“ (18-16), но Хрватска успеа да израмни на 19-19 со гол од сопствената половина, по наш нереализиран напад седум на шест.
Сара Ристовска даде клучен гол, на неа се надоврза и Кипријановска, па во последните седум минути влеговме со 21-19, откако противничките не успеаја да дадат гол од половина терен од брз центар. Обрван зеде тајмаут при 22-19 и тргна на се или ништо, со седум на шест во нападот. „Коцкестите“ израмнија на 22-22, но Македонија се врати во водство со голот од центар на Џатевска. На 70 секунди докрајот имавме гол предност и напад, по што Џатевска реализираше мајсторски од пивот, носејќи победа на Македонија на овој драматичен дуел, на која печат стави Сара Ристовска со атрактивен погодок.
Сара Ристовска со шест гола беше најефикасна во нашите редови, по четири постигнаа Кипријановска и Дамјановска.
Денешниот триумф значеше и освојување на второто место на нашата репрезентација на „Трофеј Македонија“. Пехарот патува за Црна Гора, бронзата им припадна на ракометарките на Хрватска, додека четвртопласирана остана Србијс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
