Хрватите со „десетка“ за Јапонија се загреваа за Македонија

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

 

Хрватската репрезентација и се приклучи на Македонија со максимален ефект по првите две кола од групата Б, откако „коцкестите“ денеска без никакви проблеми славеа над Јапонија со 35-27. Големата разлика во квалитет воедно му овозможи на Лино Червар да одмори голем дел од клучните играчи во пресрет на утрешниот натпревар против Македонија.

Хрватите извонредно го стартуваа натпреварот, со гранитна одбрана на чело со Шего затворајќи ги приодите кон сопствениот гол. Тоа придонесе „коцкестите“ експресно да поведат со 7-1, решавајќи ги сите дилеми околу победникот уште во првите десет минути од натпреварот. „Самураите“ се разбудија, па десетина минути подоцна ја преполовија негативата, намалувајќи на 9-6, притоа останувајќи со играч повеќе на теренот. Сепак, Степанчиќ даде два гола и го запре налетот на Јапонците, по што Хрватска го доби првото полувреме со 18-13, а потоа уште при средината на вториот дел стигна и до двоцифрена предност што умешно ја одржуваше до самиот крај, за Јапонија во последната минута да ја спушти разликата на осум гола.

Хорват со осум голови беше најефикасен кај „коцкестите“, пет постигна Степанчиќ, а по четири Штрлек и Мандиќ.

Се вчитува...