Хрватска е на нозе: „Коцкестите“ чекаат четвртфинале!

Хрватска е на нозе… Како никогаш досега во неопишива еуфорија Хрватите го следат настапот на својата селекција на едно светско првенство. Огромни се очекувањата и од денешниот осминафинален натпревар против Данска кој стартува од 20 часот. „Коцкестите“ дефинитивно чекаат четвртфинале!

Избраниците на Златко Далиќ пружија феноменални партии во групната фаза, со три победи против Нигерија, Аргентина и Исланд. Па, со право против Данците ја носат фаворитската улога.

„Нема еуфорија во нашиот табор. Мирно го очекуваме дуелот со Данска. Да, прифаќаме фаворитска улога но на ова првенство се покажа дека нема фаворити“ – вели Далиќ.

Откако вчера испаднаа Кристијано Роналдо и Лионел Меси, хрватските навивачи се надеваат дека нема да им се повтори таа судбина. Веруваат дека нема да испадне Лука Модриќ во кого ги темелат сите надежи за пласман понатаму.

Но, Данците, интересно, не се поразени на 12 едноподруго натпревари. Тоа доволно зборува дека Хрватска ја чека повеќе од тежок противник. Играта на Данска зависи од нивната прва ѕвезда Кристијан Ериксен кој и во Русија игра во одлична форма. Го запрат ли него, Хрватите си завршиле половина задача!

 

 

Се вчитува...