Хрватска на „вардарски погон“ ја победи Словенија

Хрватска во Загреб ја победи  Словенија со 21-20 во вториот контролен натпревар во рамките на подготовките во неделата на ЕХФ. Ривалството на двете репрезентации дојде до полн израз и во овој втор контролен натпревар кој многу повеќе наликуваше на големо финале отколку на пријателски натпревар,  со многу фаули, исклучувања и два црвени картони за Словенците. Дури осум исклучувања и два црвени картони заработеа избраниците на Веселин Вујовиќ на овој дуел во кој во поголем дел беа во водство и диктираа темпо, но Хрватите во финишот успеаја да обезбедат победа. Словенија ќе биде првиот противник на Македонија во групата Ц на ЕП во јануари во Хрватска.

Словенија одигра одлично прво полувреме во кое комплетно ја надигра Хрватска пред домашната публика во „Арена“. Веселин Вујовиќ имаше подготвен одговор на секој потег на Лино Червар на спротивната страна и на полувремето Словенците имаа три гола предност (9-11).

Ако нешто функционираше во хрватската репрезентација на овој втор контролен меч против Словенија, тоа беа играчите на Вардар – Игор Карачиќ, Лука Циндриќ и Иван Чупиќ. Благодарение на црвениот картон што го заработе словенечкиот пикер Блаж Благотиншек по малку спорниот фаул врз Карачиќ, Хрватска некако успеа да ја анулира негативата и во 43.минута дојде до изедначување на 15-15. Серијата исклучувања за репрезентативците на Словенија и неколкуте одбрани на Иван Стевановиќ  ги вратија Хрватите во игра.На 11 минути пред крај Хрватска го презеде водство со 18-17, а потоа Циндриќ зголеми на +2 (19-17). Јуре Доленец и однесе ново изедначување на Словенија на 19-19 на шест минути пред крај.  Хрватите беа попрецизни во финишот, успеаја да ја искористат предноста со играч повеќе и со погодокот на Иван Чупиќ да ја заверат победата.

Јуре Доленец кој беше на поштеда на првиот меч, на вториот дуел го предводеше нападот на Словенија со осум гола. Иван Чупиќ со шест гола беше најефикасен во составот на Хрватска, Карачиќ и Вуглач постигнаа по четири, а Циндирќ беше стрелец на два гола.

Пријателски натпревари во рамките на подготивките во неделата на ЕХФ, денеска одиграа и другите две две репрезентации што ќе и бидат противници на Македонија во групата Ц на ЕП во Хрватска, во јануари. Црна Гора во вториот натпревар против Чешка, славеше минимална победа од 23-22. Најазаслужен за триумфот на Црна Гора беше голманот Небојша Симиќ кој одбрани шест зицери и два седмерци и беше играч за одлука во овој дуел. Во составот на Црна Гора поради повреди и на овој дуел не  настапија Вуко Борозан, Васко Шеваљевиќ, Жарко Пејович, Немања Грбовиќ, а отуствуваше и Владан Липовина. Најефикасен во црногорскиот состав беше Милош Вујовиќ со осум гола.

Германија беше поразена  Шпанија со 24-26 (10-12) во првиот од двата контролни натпревари што ќе ги одиграат викендов.

Се вчитува...