Хрватска реди порази и со НБА-ѕвездите

Хрватска се наоѓа на работ на елиминација од квалификациите за СП 2019 откако „коцкестите“ вечерва претрпеа уште еден пораз, овојпат од селекцијата на Полска со резултат 79-74. Трагедијата за Хрватите е во тоа што тие во септемвриските мечеви влегоа комплетни, предводени од НБА-ѕвездите Богдановиќ и Шариќ, но претрпеа два порази, од Литванија дома и од Полска во Гдањск, за пад на дното на табелата.

Денешниот меч го одбележа израмнета игра се до самиот финиш, кога Полска на три минути до крај успеа да се одлепи на осум поени предност, 75-67. Хрватска возврати намалувајќи на 75-74, резултат при кој „коцкестите“ имаа три напади, но не успеаја да направат пресврт, пред Полјаците од линијата за слободни фрлања во последните десет секунди да ја осигураат победата. Трагичар на мечот беше Круно Симон, кому при последниот напад на додавање од Богдановиќ му падна топката од раце во аут, за уште еден пораз на хрватскиот национален тим во овој квалификациски циклус.

Математички шансите за пласман на СП се уште постојат, но мора да се истакне дека на наредните натпревари Хрватска повторно ќе биде без Богдановиќ и Шариќ, во чие отсуство „коцкестите“ во претходната квалификациска фаза загубија на домашен терен од Романија.

Се вчитува...