Холандија стигна до мундијалска бронза

Холандија го освои бронзениот медал на мундијалот во ракомет за жени што се одржува во Германија откако „лалињата“ во малото финале ја совладаа Шведска со 24-21. Швеѓанките и покрај огромниот пресврт во второто полувреме сепак не успеаја да го издржат темпото, па Холанѓанките со фуриозен финиш стигнаа до третата позиција, оставајќи го зад себе разочарувачкиот пораз во полуфиналето од Норвешка.

Шведска го контролираше натпреварот само во првите десетина минути, во кои скандинавската селекција поведе и со два гола разлика (2-4). Холандија набрзо ги консолидираше своите редови, заигра далеку подобро пред се во одбраната, па Швеѓанките се потешко го наоѓаа патот до мрежата на Вестер. При водство на „лалињата“ од 6-4 Шведска четири минути имаше ракометарка повеќе на теренот, но не го искориисти тоа. Пред крајот на полувремето Холанѓанките повторно додадоа гас и уште повеќе ја зголемија својата предност, на одмор заминувајќи со 14-8, откако Санд не искористи зицер за Шведска на триесет секунди до крајот, при резултат 13-8.

holandija slavi rakomet

Второто полувреме донесе сосема поинаква слика на теренот, Шведска беше репрезентацијата што демонстрираше моќна одбрана, откако Иден застана на голот на местото на индиспонираната Бундсен. „Сино-жолтите“ со леснотија украдоа неколку топки и реализираа од контранапад, па на половина од полувремето резултатот веќе беше израмнет (16-16). Ниту во следните пет минути Холандија не постигна гол (само два погодоци на „лалињата“ во првите дваесет минути), па Шведска го искористи тоа за да дојде до водство од 18-16. Предолгиот пост на Холанѓанките го заврши Малестеин со гол од крило, за веќе во следниот напад да стигне и до израмнување од 18-18.

Малестеин реализираше контранапд на три минути до крајот за водство на Холандија од 21-20, а на спротивната страна Мелегард од крило го погоди само дирекот. Швеѓанките влегоа во серија грешки, а „лалињата“ го искористија тоа, набрзина постигнаа уште два гола и на една минута до крајот поведоа со 23-20, обезбедувајќи си ги бронзените одличја во овој суперинтересен натпревар што заврши со конечни 24-21.

Абинг беше најефикасна кај победничката селекција со осум гола, Полман постигна пет, а Брох четири погодоци. Најефикасна кај Шведка при денешниот пораз беше капитенката Гулден со седум постигнати погодоци.

Се вчитува...