Хуманитарна трка за деца со Даунов синдром (ФОТО)

Пешачките патеки во градскиот парк во Скопје денеска беа претворени во атлетичарски патеки по кои децата со Даунов синдром и нивните другарчиња трчаа со цел да ги срушат бариерите и докажат дека сите спортисти имаат една заедничка цел, а тоа е да имаат еднаков пристап до спортот.

Од мечувалечкиот клуб „Ескрим“ кои четврта година по ред се јавуваат како организатори на трката велат дека годинава е постигнат рекорден број заинтересирани натпреварувачи, но и посетители дојдени да дадат поддршка на настанот.

Билјана Кузмановска која е дел од организацијата вели дека со ова се потврдува фактот дека спортот е од огромно значење за здравјето и социјализацијата на овие деца.

„Спортувањето рамо до рамо со децата со попреченост повеќе не е табу, а прифаќањето на ваквите дечиња во многу спортски клубови овозможува дополнителни успеси во областа на спортот во и надвор од земјата“, вели Кузмановска.

Таа изрази благодарност и до Град Скопје кој беше покровител на настанот. Во нашата држава околу 10 проценти од населението се соочува со некаков вид на попреченост, а од информациите на Народниот правобранител од вкупниот број на деца кои посетуваат предучилишна установа, 1,19 отсто се деца со попреченост.

Се вчитува...