И „најдобриот другар“ на Јокиќ го откажа настапот на СП

Секој нов ден донесува ново откажување на кошаркарски суперѕвезди во пресрет на светскиот шампионат што ќе стартува на крајот од овој месец. Откако вчера од комбинација отпадна Порзингис, денеска Мундобаскетот остана посиромашен и за најдобриот канадски кошаркар, Џамал Мареј, кој го откажа настапот на овој шампионат.

Мареј, кој заедно со Никола Јокиќ беше најзаслужен за шампионската титула на Денвер нагетс во НБА-лигата, ги мина подготовките со својата репрезентација, но реши да не патува со националниот тим за Азија.

„Кога дојдов на подготовките, сакав да видам како моето тело ќе реагира по долгата сезона, дали ќе бидам физички подготвен да играм на највисоко ниво на СП. По разговорите со медицинскиот тим, јасно е дека ми треба дополнително време за рехабилитација, поради што донесов тешка одлука да не учествувам на светското првенство“, изјави Мареј, кој лани имаше просек од 20 поени и 6,2 асистенции по натпревар во најсилната лига на светот.

Канада е дел од групата Х на светскиот шампионат заедно со селекциите на Франција, Летонија и Либан.

Се вчитува...