И Олимпијакос како Вардар – играчите без плата, слободни без отштета на крајот од сезонава

На грчкиот кошаркарски гигант Олимпијакос му се заканува сличен колапс на оној на РК Вардар откако денеска беше обелоденето дека играчите на „црвено-белите“ долго време се без земена плата, поради што ќе можат без отштета да си заминат од Атина на крајот од сезонава.

Информацијата ја пренесува каталонскиот весник „Ел Мундо Депортиво“, објавувајќи дека Барселона е подготвена да ја искористи кризата на Олимпијакос за да го ангажира Никола Милутинов. Српскиот центар има уште една година од актуелниот договор и вообичаено би чинел над милион евра отштета, но според овој весник Милутинов ќе биде слободен играч поради парите што му ги должи Олимпијакос.

Проблемот лежи во војната што ја водат двајцата синови на „големиот газда“ Константинос Ангелопулос, Јоргос и Панајотис Ангелопулос, кои водат битка за империјата на својот татко. Поради ова бизнисот одел многу лошо, па компанијата на Ангелопулос минатата година морала да прогласи банкрот. Ова придонело да почнат да доцнат и платите на играчите, кои не добиле ниту едно евро во изминатите седум месеци.

Ако се земе сето ова во предвид, јасно е зошто Олимпијакос сезонава не се најде ниту меѓу Топ 8 екипите во Евролигата. „Црвено-белите“ во меѓувреме настојуват да влезат во АБА-лигата, што според извори блиски до грчкиот тим се должи на желбата тимот да атакува на меѓународен трофеј во ситуација кога е свесен дека ништо добро нема да му се пишува во Евролигата во следните неколку сезони.

Се вчитува...